Прв ден: 11.02.2026 (среда)-Скопје-Истанбул-Мускат
Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 07.00 часот. Полетување кон Истанбул во 09.15 часот, слетување во 12:50 часот по локално време. Летот за Мускат е во 19.30 часот, пристигнување во 01.20 по локално време. Организиран трансфер со автобус од аеродромот до хотел “Al Murooj Grand Hotel” 4*. Ноќевање.
Втор ден: 12.02.2026(четврток)- Мускат-Birkat Al Mouz-Nizwa
Појадок и време за одмор од патувањето. Околу пладне започнуваме со откривањето на Оман, земјата која многумина велат дека е најубава и најфасцинантна земја на Блискиот Исток. Оман има спектакуларни планини, изолирани пустини, идилични плажи и живописни села, кои нудат глетки и искуства од кои застанува здивот. Авантурата ја започнуваме со посета на селото Birkat Al Mouz, лоцирано во подножјето на планина Jabal Akhdar, познато по старите куќи изградени од тули од кал, но и по плантажите со банани со кои е опколено. Стариот дел на селото сега е напуштен, но рушевините и тесните улички ги доловуваат животот и архитектурата на Оман какви што биле во минатото. Оттаму се упатуваме кон Nizwa, еден од најстарите градови во Оман кој некогаш бил трговски, религиозен, образовен и уметнички центар. Како поранешен главен град на Оман, Nizwa има голем број значајни џамии и споменици, а денес е центар за производство на урми и економски центар на областа. Во Nizwa ја посетуваме градската тврдина, изградена во 1650 година како административно седиште на власта. Дизајнот на тврдината ја одразува оманската архитектонска генијалност, а нејзиниот главен дел е огромна кула висока 30 метри и широка 36 метри. Организиран ручек во локален ресторан, а потоа го посетуваме познатиот пазар, или на арапски јазик сук (souq), кој е еден од најважните во земјата и на кој се продава скоро сè – од месо и риба, зачини и урми, до злато и сребро. Nizwa е позната по својот сребрен накит, кој се смета за најдобар во земјата. Неговите жители се мајстори во изработката на ханџари (закривени ками), познати по нивните препознатливи шари. Слободно време за прошетка на пазарот и во градот, а во попладневните часови враќање во Мускат. Ноќевање.
Трет ден: 13.02.2026 (петок)- Мускат-Wadi Bani Khalid-Wahiba Sands
Појадок. Започнува вистинската авантура на која ќе ги откриеме уникатните природни богатства на Оман – пустините и оазите. Започнуваме со познатите Wadi, речните клисури – зелени оази кои се издлабени во пустинските планини и полни со тиркизна вода идеална за разладување. Се одјавуваме од хотелот и одиме кон оазата Wadi Bani Khalid, позната по зелените езерца, палмите и околниот карпест пејзаж. Оддалечена околу 260 километри од Мускат, Wadi Khalid се смета за најубавата оаза во Оман и едно од најпосетуваните места во земјата. Слободно време за прошетка низ клисурата и пливање во кристално чистите води. Одморени и освежени, одиме на организиран ручек во локален ресторан, каде што ќе можеме да пробаме месо од камила. Попладнето одиме кон друг природен феномен – бескрајната песочни дини познати како Wahiba Sands, кои се простираат на површина од повеќе од 12.500 квадратни километри. Пустината е дом на традиционални бедуински племиња, но и место на драматични пејзажи и незаборавни пустински авантури. Се сместуваме во „Al Salam Desert Camp“ кој нуди уникатно сместување во шатори сред пустината. Попладнето ќе имаме уникатна можност да ја истражиме пустината возејќи се со теренски возила, а вечерта ќе уживаме во пустинското зајдисонце. Организирана вечера во кампот. Ноќевање.
Четврти ден: 14.02.2026 (сабота)-Wahiba Sands-Wadi Shab-Wadi Tiwi-Bimmah Sinkhole-Мускат
Појадок и одјавување од кампот. Ја оставаме пустината зад нас, а песочните пејзажи ги заменуваме со нови оази. Започнуваме со посета на Wadi Shab, магична клисура извајана во високите карпести ѕидови, исполнета со кристално чиста вода со зелена боја. Во Wadi Shab можете да пешачите по течението на реката или да пливате во неколкуте базени, секој поголем и поубав од претходниот, а на крајот дури и да поминете низ мал процеп во карпите и да се најдете во пештера со сопствено езеро... и водопад. Wadi Tiwi е уште една клисура, драматично сместена помеѓу планините и морето. Иако се наоѓа во пустина, планинските дождови креираат мали езерца кои овозможиле областа да биде постојано населена повеќе од илјада години. И не само тоа, туку ја направиле почвата плодна, благодарение на што денес се користи за одгледување на урми, банани, папаја, манго и други растенија. Слободно време за прошетка низ клисурата, а потоа тргнуваме назад кон Мускат, со попатно застанување за да ја посетиме познатата Bimmah Sinkole – огромна дупка исполнета со тиркизна вода. Широка 70 метри, на места дупката е со длабочина од скоро 100 метри. Во попладневните/вечерните часови се враќаме во Мускат и се сместуваме во “Al Murooj Grand Hotel” 4*. Слободно време за одмор и ноќевање.
Петти ден: 15.02.2026 (недела)- Мускат
Појадок. Денес е посветен на истражување на Мускат, главниот град на Оман, кој во првиот век бил познат како главно пристаниште за трговија помеѓу западот и истокот. Низ историјата градот имал многу владетели, а во него во 16-ти век дури и Португалците изградиле тврдини за да воспостават контрола над трговијата во регионот. Денес метропола со 1.7 милиони жители, Мускат е идеално сместен помеѓу планините, морето и пустината. Започнуваме со посета на големата џамија - Sultan Qaboos Grand Mosque. Изградена во 2001 година во модерен исламски стил, џамијата е најголема во земјата и собира 20.000 верници. Главниот лустер во џамијата, висок 14 метри и тежок 7.7 тони, долго време бил најголемиот лустер во светот. Продолжуваме кон кралската опера - Royal Opera House Muscat, голем модерен комплекс кој е една од главните знаменитости на градот, а оттаму и кон Qasr Al Alam Palace – церемонијална палата на Султанот на Оман, препознатлива по сините и златни столбови. Разгледот на стариот дел од Оман го завршуваме со Muttrah Souq, еден од најстарите пазари во Арапскиот свет, кој со векови служел како трговски центар за роба што доаѓала од Индија, Кина, Европа и другите арапски земји. Слободно време за прошетка низ продавниците преполни со традиционална облека, накит, зачини и разни рачни изработки. Денот го завршуваме со Oman Grand Mall, еден од најголемите трговски центри во Оман. Враќање во хотелот и ноќевање.
Шести ден: 16.02.2026 (понеделник)- Мускат-острови Daymaniyat
Појадок. Последниот ден е резервиран за една од најголемите атракции, бисерот на Оман – островите Daymaniyat. Со организиран превоз се упатуваме до пристаништето во Мускат, а оттаму со брод до малиот архипелаг составен од 9 островчиња, опколени со тиркизни води и корални гребени. Островите се дом на морски желки и разни егзотични риби, меѓу нив и познатата кит-ајкула. Дури 5 од 7-те видови морски желки редовно ги посетуваат островите. Островите Daymaniyat се заштитени како природен резерват, но возможно е да се посетат. Остануваме на нивните брегови неколку часа...за тоа време имаме уникатна можност да пливаме и нуркаме во коралните гребени, заедно со целиот див свет – а доколку имаме среќа, да се дружиме и со желките и ајкулите. Попладнето се враќаме во хотелот, и до крајот на денот имаме време да одмориме и уште еднаш да го посетиме главниот град на Оман. Околу полноќ се упатуваме кон аеродромот во Мускат.
Седми ден: 17.02.2026 (вторник)-Мускат-Истанбул-Скопје
Полетување кон Истанбул во 02.20 часот, слетување во 06.55 по локално време. Поаѓање кон Скопје во 08.55, слетување во 08.25 по локално време.
Промотивна цена за уплата до 15.11.2025: 1390 евра (86.180 денари)
ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ: 1490евра (92.380 денари)
Во цената е вклучено:
• Авионски билет: Скопје-Истанбул-Мускат-Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси
• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице
• Сите трансфери вклучени во програмата
• 5 ноќевања со појадок во хотел во „Al Murooj Grand Hotel“ 4* во Мускат
• 1 ноќевање со појадок и вечера во пустински камп Al Salam Desert Camp
• 1 ручек во локален ресторан во Nizwa
• 1 ручек во ресторан во пустината Wahiba Sands
• Сите разгледи, посети и влезници вклучени во програмата со организиран трансфер
• Лиценциран туристички водич
• Лиценциран туристички придружник
Во цената не е вклучено:
• Доплата за еднокреветна соба – 170 евра
• Бакшиши за локални водичи и возачи - 6,5 евра од ден по лице
• Патничко осигурување
Напомена:
За потврда на резервација е неопходна задолжителна уплата од 300 евра (18.600 денари). Целосна доплата на аранжманот до 10.01.2026. Секоја резервација без уплата е валидна само 48 часа.